Меѓу новозаразените девет лица во Хрватска, тројца се лекари, соопшти хрватскиот весник „Јутарњи лист”.
Станува збор за двајца заразени лекари во Клиничко-болничкиот центар во Загреб и една лекарка од психијатриската болница Врапче, која до петокот била на работа. Откако денеска се добиени резултатите дека лекарката е позитивна на новиот коронавирус, дневната психијатриска болница е затворена, која и претходно функционирала со многу намален капацитет.
Што се однесува на двајцата лекари од КБЦ загреб, станува збор за лекарки од неврологија и кардиологија. Со тоа бројот на заразени лекари во КБЦ загреб се зголеми на четворица лекари (тројца од неврологија и едната лекарка од кардиологија).
Со Ковид-19 денеска се заразени уште девет лица, и сега вкупната бројка на заразени во Хрватска изнесува 65. Направени се 1014 тестирања, од кои некои се се уште во тек. Вкупно 630 лица се под надзор поради контакт со заразено лице. Во карантин се 63 лица, од кои 24 странски, а 39 хрватски државјани.