Се укинува бесплатниот превоз за железницата

Владата порача до Железницата на Република Северна Македонија, Транспорт АД Скопје, по принципот на донесените одлуки од ЈСП Скопје, времено да ги прекинат мерките кои се однесуваа на бесплатните билети и бесплатниот превоз за возрасни лица.

Покрај оваа мерка, синоќа на седница беше донесена одлука за затворање на сите гранични премини за премин на странски државјани – патници и возила, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците од дипломатскиот кор, како и за други лица, за кои Министерството за внатрешни работи ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.

Овие товарни возила и лица ќе влезат во земјава според посебни услови за заштита согласно протоколот на Министерството за здравство.

Се затвора и Меѓународниот Аеродром Скопје и граничниот премин на овој аеродром по истек на 48 часа од денот на влегувањето во сила на оваа одлука, освен за државни, воени, хуманитарни, болнички, карго и летови без патници за позиционирање на воздухоплови, со претходна најава до аеродромскиот оператор ТАВ Македонија ДООЕЛ, а АД М-НАВ Скопје да издаде НОТАМ препорака за истото.

 

Треба да знаете
Последни објави