Австралиските научници објавија револуционерно откритие за коронавирусот

Научниците од Австралија тврдат дека откриле како имунолошкиот систем во човечкото тело се бори против коронавирусот. Ова го открија научниците од Институтот „Питер Доерти“, кој е првиот во светот што успеа да го создаде вирусот „ковид-19“ надвор од Кина.

Нивното откритие беше објавено вчера во научното списание „Nature Medicine“ и се наведува дека луѓето закрепнуваат од новиот вирус на сличен начин како и од грипот. Ова откритие треба да биде од голема помош во развивањето на најефикасната вакцина, велат научниците.

Речиси 200.000 случаи се потврдени ширум светот, а околу 8.000 луѓе починале.

„Овој наод е важен затоа што за прв пат разбираме како нашиот имунолошки систем се бори со коронавирус“, вели коавторката на студијата Кетрин Кеџиерска. Научниците го фалат откритието, нарекувајќи го револуционерно, пренесува Би-би-си.

Многу луѓе веќе се опоравиле од коронавирус, што значи дека веќе е познато дека нашиот имунолошки систем може да се бори против него. Но, за прв пат досега, научниците открија четири вида клетки во нашиот имунолошки систем кои се борат со новиот вирус.

Тие биле забележани при следење на пациент кој имал умерена форма на болеста и немал други здравствени проблеми, пренесува Би-би-си.

47-годишна жена од Вухан, која научниците ја посматрале, оздравела за 14 дена. Три дена пред целосно да оздрави, во нејзината крв биле забележани специјални клетки. Кај пациенти со грип, овие клетки се појавуваат и пред закрепнување, вели професорката Кеџиеска.

„Препознавањето на моментот кога клетките на имунолошкиот систем ќе започнат да дејствуваат може да помогне да се предвиди текот на дејството на вирусот“, велат научниците кои се уверени дека ова откритие ќе помогне да се најде лек.

Треба да знаете
Последни објави