Обвинение за битолчанката која го уценувала поранешниот љубовник за 20.000 евра

Денеска Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против битолчанката Е.С.(34), која живее времено во Скопје, која се товари за сторено кривичното дело – Уцена од член 259 став 1 од Кривичниот законик.

-Во периодот од 15 јануари до 11 март, осомничената со намера да се стекне со противправна имотна корист, во повеќе наврати му се јавувала на оштетениот со кого претходно била во љубовна врска, барајќи парични средства во висина од 20.000 евра. Таа го уценувала оштетениот дека доколку не и ги даде парите ќе испрати компромитирачки фотографии од него на неговото семејство и ќе ги објави на социјалните мрежи со цел да ги наруши неговите чест и углед. Продолжувајќи со  истите закани и уцени, на 10 март 2020 година, осомничената го  контактирала оштетениот преку апликациите Viber и WhatsApp, при што побарала од него да и исплати 13.000 евра, намалувајќи ја сумата за 7.000 евра.  Откако оштетениот не се согласил, осомничената испратила компромитирачка фотографија на мобилниот телефон на неговата сопруга. Потоа му се јавила на оштетениот и побарала од него следниот ден, на 11 март во 14:00 часот, да и донесе 1.200 евра  во хотел во Скопје, а остатокот од побараните 13.000 евра  да и бидат исплатени до крајот на неделата. Осомничентата се заканила на оштетениот дека доколку не и донесе пари, фотографиите овојпат ќе ги испрати на неговото дете и ќе ги објави на социјалните мрежи, велат од ОЈО.

По преземање на оперативно технички мерки и претходна крим-техничка обработка на паричните средства, обвинетата беше лишена од слобода во моментот кога бараните средства ги зеде од оштетениот.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје со обвинението достави и посебен предлог за продолжување на определената мерка куќен притвор за обвинетата, бидејќи постои опасност  да се крие или да се даде во бегство.​

Треба да знаете
Последни објави