Кралицата Елизабета повикува да се смени рутината за доброто на заедницата

Британската кралица Елизабета (93) денеска соопшти дека кралското семејство ќе даде свој придонес во борбата против ширењето на коронавирусот.

– Многумина од нас ќе мора да најдат нови начини да останат во контакт едни со други и да се осигурат дека нашите најблиски се безбедни. Сигурна сум дека сме дораснати на овој предизвик, рече кралицата во обраќање кон нацијата.

– Бидете сигурни дека моето семејство и јас сме подготвени да ја одиграме нашата улога, рече таа.

Кралицата претходно откажа неколку нејзини претходно најавени состаноци и настани и денеска од претпазливост порано се врати во замокот Виндзор со сопругот, принцот Филип (98).

Таа додаде дека кралското семејство е свесно оти многу граѓани на Велика Британија се многу загрижени.

– На сите им се советува да ги смениме нашите нормални рутини и вообичаен начин на живот за поголемо добро на заедниците во кои живееме и особено за да ги заштитиме најранливите меѓу нив, рече таа.

Кралицата им се заблагодари на научниците, медицинските работници и јавните служби.

– Но сега повеќе од кога било во нашата понова историја, сите ние имаме важна улога да играме како поединци – денес и во наредните денови, недели и месеци, рече британската кралица Елизабета.

Треба да знаете
Последни објави