Основното јавно обвинителство Куманово поднесе Предлог за издавање казнен налог за едно лице кое се товари дека сторило кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 16 март, при влез во државата на граничниот премин Деве Баир, потпишал писмена изјава дека ќе се стави во самоизолација, бидејќи доаѓа од Република Австрија како ризична земја во однос на ширењето на епидемијата. Притоа прифатил самоизолацијата да ја извршува во неговиот дом во Куманово, но при контрола на 17 март од страна на службени лица од СВР Куманово обвинетиот не бил затекнат во домот.
Со ова тој не постапил по донесените прописи за време на пандемија-епидемија од глобални размери со кои се определени мерки за сузбивање или спречување на епидемијата на заразната болест предизвикана од коронавирус – COVID 19. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово го поднесе предлогот за издавање казнен налог, со кој на Основниот суд Куманово му предложи на обвинетиот да му изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност. Судот ваквиот предлог го прифати и на обвинетото лице му ја изрече глобата во вкупен износ од 2.000 евра во денарска противвредност.