Економската криза создадена од пандемијата на Ковид 19 би можела на глобално ниво да остави 25 милиони луѓе без работа, покажува најновата проценка направена од Меѓународната организација на трудот (МОТ).
Врз основа на различните сценарија за влијанието на Ковид-19 на растот на глобалниот БДП, проценките на МОТ укажуваат на пораст во глобалната невработеност меѓу 5,3 милиони („полесно” сценарио) и 24,7 милиони („потешко” сценарио) за разлика од глобалната финансиска криза во 2008/9 која ја зголеми глобалната невработеност за 22 милиони.
Се очекува зголемување на недоволната ангажираност, затоа што економските последици од ширењето на вирусот се преточуваат во намалувања на работното време и платите. Падот на вработеноста ќе значи големи загуби на приходите за работниците. Студијата проценува дека овие загуби би биле меѓу 860 милијарди и 3,4 билиони американски долари до крајот на годинава. Тоа би предизвикало пад на потрошувачката на стоки и услуги, што од друга страна, ќе влијае на можностите на бизнисите и економиите.
Исто така, се очекува и значително зголемување на работната сиромаштија и според проценките на МОТ меѓу 8,8 и 35 милиони луѓе низ светот ќе се најдат во работна сиромаштија, споредено со основната процена за 2020 година која предвидуваше пад од 14 милиони на светско ниво.
Се предвидува и дека кризата со работните места несразмерно ќе влијае врз одредени групи и најмногу ќе страдаат послабо заштитетните и слабоплатените работни места, како и жените и мигрантите.
Документот за прелиминарна процена насловен „Ковид 19 и светот на работата: Влијанија и одговори” повикува на итни, опсежни и координирани мерки во насока на заштита на работниците на работното место, стимулирање на економијата и вработеноста и поддршка за работните места и приходите.
– Ова веќе не е само глобална здравствена криза, туку и голема криза на пазарот на трудот и економска криза со огромно влијание врз луѓето. Во 2008 година, светот беше обединет фронт за справување со последиците од глобалната финансиска криза и се спречи најлошото. Потребно ни е такво лидерство и одлучност и сега, вели генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер.
Според МОТ, во време на криза има две клучни алатки кои можат да помогнат да се ублажи штетата. Тоа се социјалниот дијалог и почитување на меѓународните стандарди за трудот.
-Треба да се преземе сè што е можно за да се намали на штетата врз луѓето во овие тешки времиња, вели Рајдер.