Општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка денеска реализираше вонредна крводарителска акција во просториите на салата на основното училиште “Јоаким Крчовски”, зграда „Партизан”.
Акцијата се спроведе во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, Скопје, а истата беше координирана согласно препораките и мерките за заштита на граѓаните од Ковид-19.
– Сите граѓани кои денеска учествуваа на акцијата беа уредно пријавени според укажувањата, соодветни на состојбата со пандемијта. Се пријавуваа на телефон или на ФБ профилот на ОО Црвен крст, Крива Паланка и добија термин и време за дарување. Крводарителите кои се пристигнати од странство не можеа да даруваат крв, а сите крводарители што беа дел од акцијата поминаа засилена медицинска контрола, во целост почитувајќи ги оперативните планови на ИТМ , ЦКРСМ и заклучоците на Министерство за здравство, информира секретарот на ОО Црвен крст, Крива Паланка.
Ова е петта крводарителска акција во 2020 во организација на ОО Црвен крст Крива Паланка.
– Благодарност за сите хумани луѓе кои се одзваа на вонредната акција за собирање крв,со цел надополнување на залихите со крвни единици во државата. Благодарност и до градоначалникот на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој е редовен крводарител и денеска исто така даруваше драгоцена течност. Инаку, иако состојбата е вонредна, сепак да не заборавиме дека 17 март е Денот на крводарителството во Република Северна Македонија, нека ни е честит, додаде Пешовски.