Јувентус објасни дека им дозволил на некои од своите играчи да ја напуштат Италија. Оние кои се вратиле во нивните земји го прекинале карантинот, откако дале негативни резултати за инфекција со коронавирус.
Претходно се појавија информации дека Гонзало Игуаин направил обид да се врати во својата татковина, а потоа и такви дека успеал. Миралем Пјаниќ и Сами Кедира, исто така, ја напуштиле земјата. Тројцата беа во изолација откако соиграчот Даниеле Ругани се тестираше позитивен на 11-ти март.
Една недела подоцна, тие дадоа примероци и тестовите биле негативни, па клубот им дозволил да одат кај нивните семејства во родната земја. Игуаин доби специјална дозвола затоа што неговата мајка била болна и „бјанконерите” му помогнале при неговото патување од Италија.
Ѕвездата на тимот, Кристијано Роналдо веќе некое време е во Португалија за да биде близу до својата мајка. Сепак, тој замина пред забраната за патување од Италија.
Ругани не е единствениот заразен играч на Јуве, откако Блеиз Матуиди даде позитивен тест на 17 март.
Иако заминатите играчи не се заразени, во Италија се појавија критики во време кога целата земја е блокирана и луѓето не излегуваат од своите домови.