Бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов преку соопштение упати нови мерки на претпазливост и упатства до свештенството, монаштвото и народот при Скопска бискупија и Епархијата „Струмичко-Скопска Успение на Пресвета Богородица” во врска со коронавирусот.
– Заради сериозноста на коронавирусот кој вртоглаво се шири во светот и Европа, не одминувајќи ја ниту Македонија во која бројот на заболени од ден на ден расте и затоа е оправдано преземањето рестриктивни мерки. Католичката црква во Македонија на 12 март испрати упатство со мерки за претпазливост до своите верници, а при тоа придржувајќи се на препораките донесени од Владата и Министерството за здравство.Сепак, вирусот и натаму немилосрдно продолжува да се шири. Од таа причина принудени сме, водејќи грижа за здравјето и животите, како и за доброто на секој верник и граѓанин на ова наше општество, да донесеме одлука во наредниот период Светите Литургии да се служат без народ, стои во соопштението.
Тој вели дека како дијацезански бискуп ги ослободува верниците од должноста „одење на неделна и празнична света Литургија” и ги поттикнува и замолува овој период да го искористат и заменат со пост, семејна молитва, читање на Светото Писмо и толкувањето на Божјото слово, а светата Литургија да се следи преку средствата за комуникации. Напоменува дека следењето на светата Литургија преку медиумите не е исто, како и физичкото присуство на самата Литургија, но ова е само во овој период додека трае пандемијата.
Се препорачуваат Радио Марија во Струмичкиот регион на фрекфенцијата 106,5 и на веб страницата: www.radiomarija.mk, преку порталот: Kатолици.мк (www.katolici.mk). Црквите ќе бидат отворени само за индивидуална посета и приватна молитва. На неодредено време се одложуваат сите крштевки и венчавки. Воедно нема да се одржат: Крстниот пат на Водно; Крстниот пат на Цареви кули; Крстниот пат по улиците на Радово и сите други верски активности каде има собир на повеќе лица. Болесничко помазание или св. Елеопомазание на болни нека се дели само на оние кои се на смртна постела, а свештениците за време на делењето на Елеопомазанието, на заболени од коронавирус, нека користат заштитна облека пропишана од страна на медицинскиот персонал, стои во соопштението.
Погребните обреди, како што се посочува, треба да се вршат на самото гробно место, придржувајќи се на дадените упатства од надлежните државни власти, посебно за држење на меѓусебно растојание.
Ординаријатот и парохиските уреди за потребите на верниците да остануваат достапни преку е-маил и телефон. Овие мерки на претпазливост стапуваат на сила веднаш и остануваат се до нивно отповикување. Ве повикувам почитувани свештеници, чесни сестри, драги верници во вашите молитви да ги вклучите починатите и болните од коронавирусот, лекарите, медицинскиот персонал, медицинските истражувачи, вработените во аптеките и маркетите, возачите кои вршат дистрибуција на неопходните средства за живот, војската, полицијата, волонтерите, како и сите оние кои директно или индиректно се вклучени во помагањето и справувањето со оваа здравствена криза. Сите вас и целата наша татковина Македонија ја доверувам под застапништво на Блажена Дева Марија Утешителка, молејќи го Господа Бога од оваа кризна ситуација да излеземе зацврстени во верата и нашето заедништвото, стои во соопштението на бискупот скопски и епарх струмичко-скопски Киро Стојанов.