Поминавме една ноќ во вонредна состојба. Она што е различно е можноста Владата да носи уредби со законска сила. Никој веќе нема дилеми дека настапија околности од чл 125 од Уставот за прогласување вонредна состојба, која има важност најмногу 30 дена. Ако ситуацијата се смири, таа ќе биде прекината, ако продолжи пандемијата, ќе има продолжување, изјави на денешната прес конференција министрката за правда, Рената Дескоска.
Носењето одлука за вонредна состојба, според неа, е за поефикасно регулирање одредени прашања, за справување ефикасно со епидемијата и за заштита на јавното здравје, да се помогне во економијата, стопанството, земјоделството, секаде каде што има потреба.
Дескоска рече дека мерките на Владата важат за сите институции, вклучувајќи ги и судовите и апелираше сите судови да ги почитуваат сите препораки. Таа појасни дека сите закони можат да се изменат со Уредбите со законска сила.
-Сите закони можат да се изменат со Уредбите за законска сила. За областите во кои се подготвуваат уредби и една во Министерството за правда е Законот за облигациони односи да се намалат казнените камати и тоа е една од првите уредби. Има некои и од КЗ”, појасни Дескоска.
Таа посочи дека за застарување на судските предмети и за да не се земе предвид овој период кој тече, а се однесува на вонредната состојба ќе се прави проценка и консултации со претседателите на судовите.
-Тоа ќе се направи во консултација со претседателите на судовите, односно ако се затворат судовите, тогаш да се донесе уредба дека рокот престанува да тече. До сега не е дојдено до таму. Можност стои и да се запре течењето на роковите на застарување на предметите, појасни Дескоска