Граѓаните на Косово се повикани денеска во 20 часот да излезат на прозорците и балконите и со петминутна бучава да го изразат протестот против личните и партиските интереси на политичарите во време на новиот коронавирус, јави Коханет.
На посебно преирана Фејсбук страна „Протест од балкон”, од граѓаните е побарано да излезат на прозорците и балконите и удирајќи во разни предмети, тави, тенџериња, лажици…да направат бучава, со која ќе го изразат протестот против партиските поделби во време на епидемија.
„Во време кога сите би требало обединети да работат и да управуваат со ситуацијата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, косовските политичари ја злоупотребуваат својата политичка моќ за истовремено да создадат драма и несигурност во моменти кога земјата треба да се мобилизира против пандемијата на вирусот. Денеска, на 19 март, секој од нас, во 20 часот нека излезе на пет минути на својот балкон или прозорец ширум Косово, создавајќи бучава со која бараме од сите политички партии и институционални лидери да размислат за актуелната ситуација и паника која ја проживува секој граѓанин на Косово”, се вели, меѓу другото, во повикот упатен на Фејсбук.
Апелот за политичка обединетост доаѓа откако вчера лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа, по вечерашната вонредна седница на партиското раководство, соопшти дека ќе иницира во Собранието гласање за доверба на премиерот Албин Курти. Како главни причини поради кои се одлучил на растурање на коалицијата со Движењето Самоопределување (ВВ), Мустафа ги наведе ставовите на премиерот и лидер на ВВ Албин Курти во однос на барањата на САД за укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина и одлуката на премиерот за разрешување на министерот за внатрешни работи Агим Велиу, кој е од редовите на ЛДК.
Курти вчера го разреши Велиу поради несогласување со неговите ставови во однос на кризата предизвикана со епидемијата на коронавирус. Курти информираше дека Велиу се изјаснил против ставот на премиерот во врска со намерата на претседателот на државата Хашим Тачи да се прогласи вонредна состојба во земјата поради коронавирусот.