Проблемите сè уште се пред нас. Порано од другите земји презедовме драстични мерки за да го намалиме ширењето на вирусот, но сè уште не знаеме колку ќе бидат ефективни. Следните седмици ќе бидат одлучувачки и за нашата земја. Од нас зависи да се покажат тешки и комплицирани, но не и кошмарно. Затоа од вас барам, да не го урнеме сето она што градевме во последниот период, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во новата видео порака до граѓаните, за како што рече, да им ги соопшти новите иницијативи на Владата, но и да им испрати порака за обединетост, дисциплина и одговорност.
Грчкиот премиер се осврна на мерките преземени од Владата и рече дека „арсеналот е исцрпен” и уште еднаш побара од граѓаните да останат дома и да ги избегнат непотребните контакти, за да не мора да се преземат подрастични мерки како што е ограничување на движењето.
– Викендов е можност да ја покажеме нашата општествена одговорност. Бидејќи нема да имаме никаква професионални обврски, нема да се движиме надвор. Остануваме дома и читаме, слушаме музика, гледаме филмови, комуницираме со нашите, со оние кои ги сакаме. Излегуваме сами на прошетка или трчање. И во секој случај, избегнуваме собирања. Од сите нас и од нашето однесување, на крајот, зависи дали Владата ќе треба да преземе уште подрастични мерки за ограничување на движењето. И уште нешто. Вирусот не познава граници и растојанија. Колку помал е островот каде што некој верува дека ќе прибегне за да се заштити, толку потешко, ако не и невозможно, ќе биде неговото згрижување ако се разболи таму, истакна Мицотакис.
Паралелно, упати и апел до граѓаните да ги следат само официјалните соопштенија, бидејќи „лажните вести се штетни за физичкото и менталното здравје”.
Грчкиот премиер истакна дека следните месеци ќе бидат тешки и за економијата и објави дека државниот буџет се ревидира, па така, освен планираните мерки од 3,8 милијарди евра, од буџетот ќе бидат одвоени дополнителни три милијарди за поддршка на економијата, како и други три од Структурни фондови и фондот за кохезија на ЕУ.
– Говорам за околу 10 милијарди евра, без предвидувањата за обезбедување дополнителна ликвидност на бизнисите од финансиските алатки што се на располагање. Според тоа, денеска можам да соопштам дека вонредната плата од 800 евра продолжува до крајот на април и за оние кои работат во бизниси кои продолжуваат да работат со намален промет. Значи мерката, не се однесува само на бизниси кои го прекинаа работењето, туку и огромното мнозинство работници од приватниот сектор, за кои државата ќе ги покрие и сите придонеси за осигурување, објасни Мицотакис.
Грчкиот премиер, паралелно потенцираше дека сите вработени ќе го добијат бонусот за Велигден, што воедно е и демант на шпекулациите кои денеска се појавија во грчките медиуми дека Владата размислува за негово укинување.
На крајот од шест и пол минутната порака до граѓаните, рече дека „ќе дојде посветол ден”, ако сите бидат одговорни и дисциплинирани.
-Обединети, но далеку еден од друг. Остануваме дома, остануваме оптимисти, остануваме решени, остануваме пред сè здрави, порача грчкиот премиер.
Ова е трето обраќање на Мицотакис во изминатата една седмица. Првото обраќање беше на 11 март, а второто завчера.