Секој треба да го пружи максимумот кога е во прашање здравјето на граѓаните. Нема ништо поважно од здравјето и затоа не смее да постојат суети. Грешките и пропустите мора да се признаат и коригираат кога е во прашање јавниот интерес.
СДСМ во моменти кога владее пандемија од огромни размери се однесува ноншалантно и несериозно. Голем број од мерките кои ВМРО-ДПМНЕ ги посочува и предложува не се усвојуваат или задоцнето се усвојуваат со што се придонесува за влошување на ситуацијата. Додека корона вирусот рапидно се шири низ населението и секојдневно се соочуваме со нови случаи на заболени, контролата се повеќе бега од рацете на надлежните.
Откако на јавноста и беше соопштена информацијата дека 200 луѓе треба да завршат во карантин во Криволак, сведоци сме дека на посочената локација се сместени само 9 луѓе кои веднаш се преместени заради катастрофалните услови. Каде се останатите 191 луѓе кои требало да завршат во карантин и дали тие се скриени од јавноста, или пак се пуштени да се вратат во сопствените домови иако мерките децидно велат дека тие треба да се во карантин 14 дена? Кои се луѓето кои се кријат од јавноста и од кои високо ризични земји доаѓаат?
Владата на Република Македонија мора сериозно и ревносно да се вклучи во процесот на спроведување на мерки против корона вирусот кој од ден во ден се повеќе се шири. Сите препарати и медицински помагала кои можат да помогнат во борбата со вирусот Владата треба да ги обезбеди и понуди на граѓаните бесплатно со цел нивна заштита.
Во овие тешки моменти за Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање со сиот свој човечки и технички капацитет да помогне во борбата со епидемијата која владее и да помогне на сопствениот народ кој треба секогаш да биде на прво место.
Задоцнетите мерки не носат резултат. Затоа ќе продолжиме да работиме на изготвување и предлагање на решенија со кои ќе се зголеми ефикасноста во борбата со епидемијата, но и ќе се помогне на стопанството кое трпи огромни штети.