Според најновите податоци, во светот досега се регистрирани 230.047 луѓе заразени со новиот коронавирус. Од нив починати се 9.386, а оздравеле 86.256 лица.
– Велика Британија не може да ја запре пандемијата на коронавирус, па ќе работи на управување со заразата на тој начин што ќе ги јакне капацитетите во јавното здравство, изјави советникот за здравство на британската Влада Крис Вити.
– Во Швајцарија од вчера се регистрирани нови 824 случаи на зараза, со што вкупниот број се зголеми на 3.939 лица. Во последното деноноќие починале три лица, со што вкупниот број смртни случаи се искачи на 36.
– Во Босна и Херцеговина потврдени се уште два случаи на Ковид-19. По еден во Зеница и Бихаќ, со што се вкупно 47. Од нив, во Република Српска се 27.
– Плажите на јужниот медитерански брег на Франција, како и на островот Корзика ќе бидат затворени. Тоа е нова мерка со цел сузбивање на ширењето на епидемијата. мерката е донесена откако било утврдено дека „многу луѓе, многу време” минуваат на плажите.
– Индија престана да прима авиони од странство, ги ограничи јавните собирања на луѓе и ги блокираше патиштата до Кашмир, откако во областа беа регистрирани првите заразени со коронавирусот.
– Француските власти ќе го продолжат двонеделниот карантин ако нема подобрување на ситуацијата со коронавирусот, изјави министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер.
– Поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ соопшти денеска дека следните 14 дена ќе ги мине во самоизолација. Таа на Твитер соопшти дека тоа е во согласност со владините мерки, по враќањето од САД, каде ја затекна пандемијата.
– Во Австрија денеска попладне бројот на инфицирани со Ковид-19 ја надмина бројката од 2000 лица. Министерството за здравство информира дека од 13.724 тестирани – 2013 лица се позитивни на вирусот.
– Експертот за човекови права во ОН Мајкл Линк изрази загриженост за потенцијалното влијание на Ковид-19 на палестинската територија во Појасот Газа. – Тамошниот здравствен систем колабираше и пред појавата на пандмијата. Залихите на суштински лекови е хронично ниска. Нивните природни извори за вода, во голем дел се контаминирани. Нивниот систем за снабдување со електрична енергија само повремено обезбедува струја. Голема сиромаштија владее таму, предупреди Линк.
– Премиерот на Индија Нарендра Моди наложи в недела од 7 до 21 часот, како тест за нацијата дали ќе може да ги почитува мерките против ширењето на коронавирусот. Во земјата со 1,3 милијарди луѓе досега има четири смртни случаи и над 170 заразени.