Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) и поранешен премиер Рамуш Харадинај по денешната средба со лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа изјави дека неговата партија ќе ја поддржи иницијативата на ЛДК за гласање недоверба на владата на Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај по средбата им изјави на новинарите дека со Мустафа разговарале единствено за гласањето за доверба, а не и за евентуална идна техничка влада по растурањето на сегашната коалиција на ЛДК со Движењето Самоопределување (ВВ) на Курти.
– Не сме ги одредиле наредните чекори, разговаравме само за гласањето. Ќе има и наредни средби, изјави Харадинај, додавејќи дека се уште не може да каже дали би бил дел од евентуална техничка влада.
Според Харадинај, Косово досега немало „поконфликтуозна Влада, како самата со себе, така и со другите”.
– Оваа Влада го доби епилогот кој го заслужува, но го доби во најлошиот момент. Ова е своевидно дезертирање на господинот Курти од неговите одговорности, изјави Харадинај.
Претседателството на ЛДК синоќа одлучи да покрене иницијатива за гласање доверба на Владата во која и самата учествува, откако вчера Курти го разреши министерот за внатрешни работи и јавна администрација Агим Велиу.
Соопштувајќи ја одлуката, партискиот лидер Мустафа рече дека повод за најавеното растурање на коалицијата, покрај прекршувањето на коалицискиот договор со разрешувањето на Велиу, е и непостапувањето на Курти по однос на барањето на Вашингтон, како најголем и најбитен сојузник на Косово, за укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
Пратеничката група на ЛДК се очекува денеска да донесе одлука за собирање на потребните потписи за свикување на собраниската седница за гласање за доверба за кабинетот на Курти.
За свикување таква седница на Собранието потребни се потписите на 40 пратеници. ЛДК во 120-членото Собрание на Косово има 28 пратеници, додека, освен ААК на Харадинај, која има 13 пратеници, другите опозициски партии се уште не се изјасниле дали ќе го поддржат гласањето за недоверба.