На авиокомпаниите им е потребна итна помош од 200 милијарди долари, како резултат на ефектите од коронавирусот, соопшти денеска Меѓународното здружение за воздушен сообраќај.
Таа би можела да биде во форма на „директна финансиска помош“ за патничките и товарните превозници за да ги надоместат загубите.
„Оваа помош може да биде во форма на заеми и гаранции од владите и централните банки или во форма на намалување на даноците и социјалните давачки“, велат од здружението.
Се проценува дека коронавирусот досега го чини авионскиот сообраќај 113 милијарди долари.
Здружението, кое опфаќа 290 компании и 82 проценти од светскиот сообраќај, посебно ги повика земјите во Африка и Блискиот Исток да им помогнат на нивните превозници, кои директно и индиректно се изложени на ризик од затворање на милиони работни места.