Министерот за здравство на Косово, Арбен Витиа информира денеска дека во земјата има вкупно 20 заразени со Ковид-19, односно во последното деноноќие нема ниту еден нов потврден случај на носител на новиот вирус, јави дописникот на МИА од Приштина.
Витиа попладнево на прес-конференција информира дека последниот случај е оној на 55-годишна жена од село во околината на Подујево, кој беше откриен во текот на вчерашниот ден.
– Здравствената состојба на сите лица кај кои е откриен вирусот е стабилна, рече Витиа, информирајќи дека седуммина од нив веќе се пуштени на домашна нега, во услови на изолација.
Министерот за здравство нагласи дека сите дејствија во справувањето со пандемијата се преземаат во координација со претставништвото на Светската здравствена организација во Косово и со канцеларијата на Европската унија за здравство.
Тој информира дека Владата покренала постапка за набавка на два лека кои, според последните информации, се покажале како ефикасни во третирањето на заразата во светот.
– Вчера и денеска добивме информации дека два антивирали, „Ремдесивир” и „Фави Пиравир”, се покажаа како успешни во третирањето на заразените. Денеска беа контактирани компаниите кои ги произведуваат и нашите амбасади и се надеваме дека еден контингент од тие лекови ќе добиеме многу наскоро, изјави Витиа.
Косовските здравствени установи, рече министерот, во моментов располагаат со илјада препарати за тестирање за Ковид-19, а нарачани се уште 7.000 други.
– Досега преку лабораториите на Институтот за јавно здравство се тестирани над 320 сомнителни примероци, од кои 20 резултираа позитивни. Имаме уште околу илјада тестови, а обезбедивме и апарат кој ќе се стави во функција уште утре, изјави Витиа.