Први смртни случаи од новиот коронавирус (ковид-19) се забележани во неколку земји низ целиот свет. Првите случаи се забележани во Хрватска, Русија, Мексико, Никарагва, Ел Салвадор.
Една 79-годишна жена почина во Русија на Клиниката за инфективни болести во Москва од акутна пневмонија, пренесува „Раша тудеј“. Жената била хоспитализирана во изолирана просторија и имала неколку хронични состојби, како што се дијабетес, висок притисок, корорнарна болест и артериосклероза.
Во Хрватска, човек кај кого е регистриран „Ковид-19“ почина во Истра, но сè уште се чека наодот од обдукцијата за да се утврди од што точно починал, пренесува хрватскот портал „Индекс“.
Во Мексико починал еден 41-годишен маж заболен од коронавирус, но и дијабетичар, додека во Никарагва почина еден маж (40) кој за време на престојот во Панама се заразил со вирусот, пренесува „Ројтерс“.
И во Ел Салвадор е регистрирана првата смрт, а претседателот на земјата, Наџиб Букеле изјави дека станува збор за личност која неодамна ја посетила Италија.