Бугарскиот истражувачки новинар Слави Ангелов вчера е нападнат и претепан пред неговиот дом во Софија.
Ангелов (47) е главен уредник на неделникот „168 часа” и новинар кој пишува за криминалот. Тој се здобил со тешки повреди на главата и нозете и е хоспитализиран, при што бил оопериран. Според лекарите неговиот живот не е во опасност.
Полицијата и Обвинителството го истражуваат нападот, според кои најверојатно е поврзан со пишувањето на Ангелов, кој е познат по своите текстови за криминалното подземје во Бугарија од 90-тите години од минатиот век, а пишуваше и за корупцијата во областа на животната средина.
Нападот врз Ангелов го осудија бугарските и меѓународните новинарски организации и побараа брза и транспарентна истрага. Бугарија се наоѓа на 111 место на листата на Репортери без граници за слобода на медиумите.