Директорот на Центарот за клинички истражувања на прецизна регенеративна медицина при Сојузниот универзитет во Казан, Алберт Ризванов, кој работи со тим истражувачи на вакцината против новиот коронавирус, смета дека ефикасно решение ќе се најде побрзо ако се приклучат повеќе тимови за истражување, но и покрај тоа тестирањето на предложените вакцини ќе трае најмалку шест месеци.
Ризванов ја истакна важноста за докажување на ефикасноста и безбедноста на вакцината што допрва треба да се создаде, додавајќи дека истражувањето на агенсите против ХИВ траe повеќе од две децении, но ниту една од вакцините не се покажала доволно ефикасна, објави ТАСС.
„Колку повеќе групи се приклучуваат на истражувањето, толку подобро“, рече Ризванов, додавајќи дека најверојатно некој ќе успее.
„Многу земји и лаборатории низ целиот свет работат на овој проблем“, рече тој.
„Во тек се неколку клинички испитувања (не помалку од пет во различни фази). Како што гледам, тестовите (вакцините се развиваат низ целиот свет) може да траат од 6 до 12 месеци“,заклучува Ризванов.
Идејата на истражувачите во Казан е да се обидат да направат вакцина без употреба на жив вирус или неговите прочистени протеини.