Основното јавно обвинителство Куманово поднесе Предлог за издавање казнен налог за едно лице за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 15 март, при влез во државата на граничниот премин Ќафасан, потпишал писмена изјава дека ќе се стави во самоизолација во траење од 14 дена, бидејќи доаѓа од Република Италија како земја со висок ризик за ширењето на епидемијата. Самоизолацијата требало да ја извршува во неговиот дом во Куманово, но при контрола на 17 март од страна на службени лица од СВР Куманово обвинетиот не бил затекнат во домот.
Со ова тој не постапил по донесените прописи за време на пандемија-епидемија од глобални размери со кои се определени мерки за сузбивање или спречување на епидемијата на заразната болест предизвикана од коронавирус – COVID 19.
Основното јавно обвинителство Куманово со предлогот за издавање казнен налог на Основниот суд Куманово му предложи на обвинетиот да му изрече 100 дневни глоби, при што вредноста на една дневна глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска противвредност.