Пазарете во најблиските продавници, бидејќи со тоа го ограничувате и скратувате времето на движење надвор од домот. Задржете се што пократко во продавницата, со тоа што ќе направете список дома за вашите потребни намирници и така ќе го скратите времето на престој во продавниците за храна. Доколку е возможно обезбедете маска и ракавици и користете ги за време на пазарењето.
Ова се само дел од препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) упатени до граѓаните согласно актуелната состојба со коронавирусот во земјава.
Според АХВ, при пазарењето, најдобро е граѓаните да изберат прехранбени производи кои вообичаено ги купуваат.
-Со тоа, не морате детално и целосно да ги читате иформациите од етикетите, бидејќи тие етикиети од претходно ви се познати. Задолжително направете визуелен преглед на амбалажата или производот, проверете дали амбалажата е оштетена и проверете ги органолептичките својства. Задолжително проверете го и датумот на производство, односно рокот на траење. По завршување на пазарењето и излегувањето од продавница, дезинфицирајте ги рацете со препорачано средство за дезинфекција. Користените ракавици за еднократна употреба по напуштањето на продавницата фрлете ги во канта за отпадоци, порачува АХВ.