Бесплатна линија за пријавување непочитување на препораките за заштита од корона вирусот

– Граѓаните од понеделник ќе можат да пријават непочитување на препораките од Владата за заштита од корона вирусот на бесплатната линија 191. Секој граѓанин ќе може да пријави доколку забележи угостителски објекти кои работат или, пак, зголемување на цените на основните производи.

Како што информира министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, по пријавувањето екипи на Државниот пазарен инспекторат ќе се упатат на терен за да ја утврдат состојбата и веднаш ќе ги вратат цените на основните производи кои биле на 11 март.

Тој ги потсети граѓаните, угостителите и трговците дека за непочитување на препораките ќе им следи казна од 5.000 евра, како и казна затвор до една година согласно членовите 205 и 206 од Казнениот законик.

-Ги повикувам сите граѓани и бизнисмени во моментов да бидат разумни. Во време на криза да бидеме солидарни и одгворни, а не да размислуваме на профит. Ги повикувам граѓаните да пријават секој вид непочитување на владините одлуки, рече Бектеши.

Потсети дека Владата на почетокот на неделата донесе одлука за замрзнување на цените на основните производи како што се лебот, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо тестенини, но и лекови, дезинфекциски средства и продукти за лична заштита. Со цел заштита од корона вирусот, посочи, донесовме одлука да се затворат сите ресторани, кафетерии и барови.

-Пазарниот инспекторат е на терен и контролира кој не ги почитува одлуките на Владата, а засилени се и контролите во супермаркетите за цените на основните прехранбени производи и на средствата за дезинфекција, потенцира Бектеши.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Стојко Пауновски посочи дека досега сите кои вршат трговија и угостителство беа должни на видно место да истакнат телефонски број од ДПИ во градот во кој се наоѓа објектот, а сега ќе треба да го стават бројот на бесплатаната телефонска линија 191, бидејќи, појасни, инспекторите не можеа да одговорат на позивите поради новнастанатата ситиуација со корона вирусот и постојаното излегување на терен.

-На бројот 191 ќе можат да се јавуваат сите кои ќе констатираат неправилности кои се однесуваат на постапувањето на ДПИ. На сите трговци можам да им кажам дека налепниците што ќе им ги достават инспекторите се бесплатни и оти треба да бидат ставени на видно место за да ги забележат граѓаните. Налепници со броеви ќе дибијат и сите бензински станици и сите оние кои во моментов вршат трговија. Сите останати, посебно угостителите кои сега не работат, кога ќе помине кризата ќе можат да ги подигнат броевите, кои се должни да ги истакнат на видно место, во оделенијата на ДПИ низ цела држава, рече Пауновски.

Треба да знаете
Последни објави