Мадрид ќе го пренамени саемот во болница со 5.500 кревети

Регионалната влада во Мадрид планира да постави болница со 5.500 кревети на саемот во северниот дел од градот, откако од коронавирусот во Шпанија починаа илјада лица.

Бројот на заразени пациенти денеска се зголеми за околу 20 отсто, односно на 20.500 лица.

Новата привремена болница за коронавирус ќе биде поставена во конгресниот центар ИФЕМА во близина на аеродромот, соопштија денеска локалните власти.

Во тој центар се одржуваат големи саеми, како што е ФИТУР, најголемиот саем за туризам во Шпанија. Овој месец таму требаше да се одржи Светскиот конгрес за воздушен сообраќај, но беше откажан како прв настан откажан во Мадрид поради коронавирусот.

Мадрид сега е жариште на коронавирусот со повеќе од 7.000 пациенти, пред Каталонија со околу 3.000 заразени.

Во главниот град, два хотела веќе се претворени во болници, опремени за лекување на пациенти заразени со коронавирусот.

Досега помош понудија повеќе од 40 хотели со капацитет од 9.000 легла, соопшти Здружението на хотелиери на Мадрид.

Околу 47 милиони жители на Шпанија една недела се во домашна изолација.

Треба да знаете
Последни објави