Шефот на „Тесла“ и „СпејсX“, Илон Маск изминатите денови ја намалуваше сериозноста на пандемијата на коронавирусот, објавувајќи на Твитер дека вирусот е глупост. Тој исто така одбиваше да ја затвори својата фабрика во Калифорнија.
Сепак, тој сега е подготвен да помогне, па на Твитер се вклучи во глобалните разговори за пандемијата. Сопственикот на технолошките компании, понуди неговата фабрика да произведе вентилатори ако биде потребно.
Во моменти на предупредувања од страна на властите за недостигот од уреди за помош при дишење, со кои се лекуваат пациентите од Ковид-19 во американските болници, понудата му привлече внимание на градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, па му одговори на милијардерот.
„Њујорк купува. Се соочуваме со драстичен недостиг и ни требаат вентилатори што поскоро. Ќе ни требаат илјадници во овој град во следните неколку недели. Ни треба вашата помош. Ќе ве контактираме“ напиша градоначалникот на Њујорк.
Маск во последните недели предизвика бран критики поради неговата објава за пандемијата. Тој ја искористи својата голема платформа (32,4 милиони следбеници на Твитер) за да ја доведе во сомневање опасноста од вирусот, дури и додека службениците во јавното здравство се обидуваат да ги уверат луѓето сериозно да ја сфатат заканата од новиот вирус.