Откако заклучно со вчерашниот ден вкупно 41 лице имаше наредба за самоизолација, последната информација од д-р епидемолог Сузана Каракашева е дека денеска бројот на територијата во регионот на Берово е 57 лица.
-Сите тие се во самоизолација и ниту едно од лицата нема симптоми на КОВИД-19. Нашиот апел до сите лица кои во изминатиот период патувале во некоја од земјите кои се високоризични или средноризични и понатаму е да се самоизолираат, со цел да се спречи евентуалната појава од коронавирус, изјави Каракашева.
Од општина Берово се приклучуваат на упатениот апел за почитување на мерките и препораките од Министерството за здравство и Светската здравствена организација.
-Исто така, апелираме да се почитува Одлуката на Владата на РСМ, донесена на седницата од 19 март 2020 година, за забрана за собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и површини. Не дозволувајте поради несовесно однесување, надлежните полициски служби да ве опоменуваат или да мора да се применат рестриктивни мерки и казни во согласност со надлежностите на институциите, апелираат надлежните.
Непочитувањето на препораките за заштита од вирусот КОВИД-19, како што додаваат, е казниво согласно со новите мерки за заштита од коронавирусот.