Интегрален текст од прес конференција на Антонијо Милошоски
Вчерашниот ден во Битола беше црн ден за битолската економија и најава дека оваа криза ќе има далекусежни економски последици доколку не се реагира брз и навремено. Вчерашните последици кои што ги почувствува Битола и целата Пелагонија беа отпуштање на 6.000 вработени во компанијата Кромберг и Шуберт. За споредба само ќе ви кажам што значи тоа за Битола, да отпуштите 6.000 вработени е нешто слично како да има отпуштања на 7.000 вработени во тетовскиот регион, или да отпуштите 6.000 вработени во Битола е нешто како да имате 34.000 отпуштања во Скопје, како најголем град во државата.
Затоа сметаме дека ситуацијата е алармантна и дека владата не треба да чека да се случат отпуштања и крахирања на фирми, а потоа да реагира, туку треба на времено да реагира за да не се случуваат вакви дополнителни отпуштања и затворања на претпријатија.
Автомобилската индустрија во Европа гледаме дека е во сериозна криза поради сосотојбата со корона вирусот, а тоа почнува да се одразува и во странските инвестиции кои што работат во Македонија, но се одрзаува и кај домашните стопанственици мали, средни и големи претпријатија кои што се нераскинлив дел од економијата или се поврзани со странските инвестиции.
Ова значи дека во моментот на десетици илјади граѓани во Македонија им се заканува отпуштање од работа доколку нема навремен и ефикасен план за справување со оваа економска криза која што исто така е опасна колку што е опасна кризата до вирусот корона.
Владата мора да ја сфати сериозноста на оваа ситуација и да реагира веднаш без одлагање и сметаме дека тандемот Нина Ангеловска министер за финансии и Мила Царовска вицепремиер за економски прашања досега немаат соодветен план за да реагираат навремено да не се случуваат вакви отпуштања.
Доколку владата нема капацитет би било многу поодговорно да ги побара најдобрите двајца економисти од стопанските комори, да ги побара најдобрите двајца економисти од факултети, да ги побара од опозицијата, од други политички партии секој да помогне да се направи итен план за оваа пандемија која што го зафаќа здравјето на граѓаните, да не биде и пандемија која што ќе значи и колапс на економијата.
Владата мора да има план да го порази вирусот корона, но исто така владата мора да има итен план да го спаси стопанството од тотален колапс, бидејќи здравјето на граѓаните и здравјето на економијата се двата основни предуслови за стабилност за една држава и мора да се работи итно и паралелно на двете области.
Мерките коишто ги промовираше владата од само 5 милиони евра директна поддршка се слично како да лечете корона вирус со чај и со лук. Треба навистина посериозно да се пристапи за да може стопанството да биде сигурно дека во државата има партнер. А вработените да бидат сигурни дека овој период од месец, два или три државата ќе им помогне и на вработените и на претпријатијата за да можат да останат на своите нозе за потоа да немаме колабирани фирми и отпуштени вработени, туку да имаме фирми коишто ќе можат да продолжат да го развиваат својот бизнис.
Апелираме до СДСМ и до Зоран Заев и до неговите претставници во владата Нина Ангеловска и Мила Царовска сериозно да ги разгледаат и по можност да ги прифатат мерките кои ги нуди економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ. Тие мерки се добронамерни , произлегуваат од знаењето, капацитетот и искуството на голем дел од луѓето коишто се тим на економската комисија на ВМРО-ДПМНЕ и сметаме дека можат да бидат продуктивни, бидејќи истите се правено и во консултации со дел од членовите на стопанските комори.
Тоа се следните мерки:
Предлагаме замрзнување на обврските на компаниите кон банките и заемодаваталите за месец март, чија што работа е засегната со корона вирусот. А доколку продолжи оваа мерка да важи и за месец април.
Предлагаме замрзнување на обврските на малите, средните и големите претпријатија кон државата, чија што работа во овие претпријатија е поврзана или е погодена со ситуацијата.
Предлагаме Владата да ги преземе обврските, да ги сторнира и да ги плати каматите по однос на кредитите на компаниите за месец март, без разлика дали се големи, мали или средни компании, а доколку продолжи кризата да ги плати овие камати и за месец април.
Државата предлагаме да ги плати трошоците на вработените во малите, средните и големите претпријатија кои што се погодени од корона вирусот во висина од 50% од вкупниот трошок за вработените, односно 50% од бруто платата. Знаеме дека за овој план се потребни средства, но доколку не се реагира брзо и навремено, да знаете дека покасното реагирање ќе биде само уште поскапо и ќе има уште поштетни последици.
Потребно е веднаш да се направи анализа на сето она што се случува во моментот, кои сектори и компании се погодени и на истите да им се исплатат субвенции од страна на државата како би можеле да го преживеат овој период. Главната мерка којашто Владата треба да им ја пружи на малите, средните и големите претпријатија е истите да успеат да ја задржат дејноста, наместо да стават клуч на претпријатијата и да задржат што поголем број од вработените, наместо да ги отпуштаат. Ако Владата успее да ги одржи во живот претпријатијата и вработените во нив, тогаш кога ќе ја пребродиме оваа здравствена криза, тие претпријатија и вработени ќе можат да и помогнат и на Владата и на државата да се вратиме во еден нормален колосек.
Затоа би сакал да напоменам дека овие мерки ВМРО-ДПМНЕ ги предлага повеќе од половина месец наназад и дека мерките не треба да се гледаат како предлог на партија која што ја критикува власта туку како предлог на партија која што сака да и помогне на владата да имаме поефикасно справување и со здравствената состојба, но особено со економската криза која што веќе тропна во Битола и остави 6.000 семејства без основен приход. А тие 6.000 семејства имаат свои кредити, свои давачки, кирии и секакви други потреби.
Би сакал да потсетам дека владата би требало пред да се случи дополнително отпуштање на вработени прво да тропне на вратите на претпријатијата, а не да оди во овие фирми откако ќе се случи некаква штета.
Да потсетам Гентерм во Прилеп, Амфенол во Кочани, Антура, Маркарт во Велес, Ван Хол во Скопје, Леар во Тетово, Џонсон Контролс, Дрекслермаер, Костал, ОДВ електрик во Охрид, Ки сејфти системс во Кичево, сите овие компании вработуваат отприлика 12.000 луѓе. И домашните компании вработуваат уште многу илјадници вработени. Не треба да чекаме компаниите да крахираат за министерката за финансии да ги посети откако ќе биде касно. Затоа е вонредната состојба за да може владата ефикасно да реагира и да се покаже како партнер на стопанствениците и на вработените во државата.
Прашање: Дали вие сето ова сте го доставиле до владата и не ги разгледуваат, па затоа ги критикувате, оваа е техничка влада има и од вашата партија, или воопшто не сте ги доставиле предлог мерките?
Одговор: Уште пред 15 дена јавно се соопштени мерките коишто ги предлагаме и сметам дека мерките се прилично разбирливи и едноставни за тие кои што имаат чувство за економска криза и за начинот како да му се помогне на стопанството би требало лесно да ги разберат и да ги спроведат. Затоа цениме дека власта веќе касни со реакциите. Не треба да ни се случи уште еден Кромберг и Шуберт, отпуштања на уште 6 или 10.000 вработени за министерката да појде и да ги посети, да поразговара и да им помогне на стопанствениците и на вработените пред да колабираат.