Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави дека вечерва во земјата се потврдени два нови случаи на лица носители на коронавирусот, со што вкупниот број на заразени во земјата се искачи на 24, јави дописникот на МИА од Приштина.
Станува збор за 53-годишна жена од Сува Река и 43-годишен маж од Ѓаковица, кои, како и 63-годишниот маж од Малишево, кај кој порано денеска беше потврдена заразата, биле во контакт со лица кај кои минатите денови е откриено присуство на новиот Ковид-19.
Во вечерашното соопштение на ИШПК се наведува дека во текот на денешниот ден во неговата лабораторија за молекуларна микробиологија се испитани примерците на вкупно 77 лица за кои постоело сомневање дека се заразени од смртоносниот вирус.