Европскиот пратеник од Полска, Адам Јарубас, преку Твитер информираше дека кај него е детектиран коронавирусот, ова е првиот познат случај во Европскиот парламент.
Јарубас соопшти дека е хоспитализиран и дека добро се чувствува, а прес службите на Европскиот парламент порачаа дека се информирани и дека за сега не се познати други случаи на заразени европратеници.
Јарубас е член на Европската народна партија, последен пат бил во Европскиот парламент на 9 и 10 март и се вратил во Полска на 11 март.
Европскиот парламент ќе одржи мини пленарна седница на 26 март, на која се добредојдени да присуствуваат пратениците кои живеат во Брисел, другите не треба да патуваат.
Во другите институции на ЕУ веќе се познати повеќе случаи на заразени, вклучително и директор од Европската комисија кој имал бројни контакти пред да биде детектиран.
Огромното мнозинство вработени во институциите на ЕУ од минатата недела работат од дома.