Стопанска комора: До 4,5 милиони денари трошоци кај фирмите поради отсуство на работниците

Од 360.000 до 4.500.000 денари се досегашните трошоци на компаниите што ги предизвикаа иницијалните владини мерки кои налагаат отсуство на дел од вработените поради коронавирусот.

Ова го покажува првичната проценка на Стопанската комора на Македонија направена врз основа на анкета од 13 до 17 март 2020 година со која се опфатени 115 фирми (40 отсто од секторот индустрија, пет проценти од земјоделство и 55 отсто од услужниот сектор (хотелиерство и ресторани, туризам, трговија и други услужни дејности). Во однос на големината, 26 се микро, 39 се мали, 34 се средни и 16 се големи претпријатија.

Како што соопшти денеска главниот советник во Управниот одбор на Комората, Зоран Јовановски, неповолните економски трендови од март, ќе прoдолжат и во првата половина од април. Првичниот удар го почувствува услужниот сектор, пред се туризмот, хотелиерството, рестораните и трговијата, Но, последиците од кризата веќе ги зафаќаат и останатите сектори. Евидентни се нарушувањата на ликвидноста и губењето на побарувачката.

– Досега преземените мерки од страна на Владата ги сметаме за првични со оглед дека постоеја ограничувања од правен аспект. Сега, со прогласувањето вонредната сотојба, постои целосна слобода за преземање и нови мерки, нагласи Јовановски, додавајќи дека во овој момент на стопанството му е неопходна финансиска инјекција.

Потребно е, рече Јовановски, да се седне на маса и да се направи план како товарот да се распредели врз сите чинители за да се преброди ситуацијата, зашто сите ќе бидат погодени, директно или индиректно, помалку или повеќе.

– Анкетата укажува на сериозноста на проблемот врз економијата на краток, среден и долг рок, заради тоа што најдобрата мерка за справување со корона вирусот е изолација, што директно делува на контракција на економските процеси, намалување на потрошувачката, со висок степен на ризик за влегување во рецесија. Неизвесноста колку ќе трае здравствената криза и следствено на тоа неможноста претпријатијата да ги дефинираат своите очекувања за тековите во домашната и светската економија, негативно ќе влијаат врз перформансите на македонската економија. Затоа сетот мерки кој ќе се преземе е многу битен за правовремено, таргетирано и координирано влијание, при што е потребно да се води сметка и за можностите и финансискиот капацитет на државата, истакна Јовановски.

Анкетата укажува дека кај анкетираните 115 претпријатија вкупниот број отсутни работници поврзано со кризата е 1.092, што е 7,9 отсто од вкупниот број вработени во анкетираните претпријатија (13.818). Притоа, 36,5 проценти од претпријатијата имаат помеѓу нула и двајца отсутни работници, 17,4 отсто имаат три до пет отсутни работници, 11,3 отсто се со шест до 10 отсутни, а 8,7 отсто од претпријатијата имаат 11 до 20 отсутни.

– Кај пет фирми (4,3 отсто од вкупниот број) отсуствуваат 31 до 40 вработени, кај две 41 до 50 вработени, едно претпријатије има пријавено 51 до 60 отсутни вработени, а највисок број отсутни (171) е пријавен од едно претпријатие во здравствената област лоцирано во Дебар, каде што е жариштето на коронавирусот. Најголем број претпријатија, дури 76 од анкетираните, пријавиле дека бројот на отсутни работници е помеѓу нула и 20 отсто од вкупните вработени во нивната компанија. Од друга страна, кај шест претпријатија отсутните работници се од 91 до 100 проценти од вработените. Најголем број претпријатија (49) не доставиле податок за финансиската импликација од отсуствата на вработените и како тоа ќе се одрази врз билансите на претпријатијата, рече советникот.

Околу 60 отсто од компаниите пријавиле дека имаат потреба од реорганизација на работата заради новонастанатата ситуација. Приближно 36 проценти од претпријатијата пријавиле дека имаат дополнителни трошоци поврзани со реорганизирање на работата и се поврзани со ангажирање на нови лица, прекувремена работа или прекинување на производниот процес. Останатите 64 отсто изјавиле дека засега немаат трошоци за реорганизација. Во однос на други дополнителни трошоци, 18 проценти од претпријатијата пријавиле трошоци поврзани со дезинфекција на работните простории, шест отсто пријавиле трошоци за откажани аранжмани, пет проценти за кирија, а 30 отсто пријавиле други трошоци и проблеми (трошоци за магацин за производи чиј извоз е одложен заради кризата, дополнително задржување на возила, прекинат процес на дистрибуција, неможност за наплата и извршување на обврски, намален промет).

Јовановски најави дека од денеска Стопанската комора секој работен ден ќе има прес-конференција и комуникакција со јавноста.

Треба да знаете
Последни објави