ЕУ ја испраќа целата кинеска помош во Италија

Целата помош што ЕУ ја доби од Кина, вклучувајќи маски и тестови, ќе и биде доставена на Италија, бидејќи е најтешко погодена од епидемијата со коронавирусот. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејн претходно оваа недела изјави дека премиерот на Кина, Ли Кечијанг во телефонски разговор ветил поддршка на ЕУ во борба со КОВИД-19.

„Кина не заборави дека во јануари доби помош од ЕУ”, напиша Фон дер Лејн на Твитер , „Денес ние сме во центарот на пандемијата и потребна ни е заштитна опрема” додаде фон дер Лејн.

Претходно оваа недела, кинеската амбасада во Брисел, во писмо до комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич,  и понуди на ЕУ 50.000 комплети за тестирање, 200.000 маски Н95 и два милиони хируршки маски.

Кинеската помош е насочена кон Центарот за координација во итни случаи, што е одговорен за дистрибуција на опремата.

Откако Брисел ги разгледа различните критериуми, особено материјалот што се нуди и тековните потреби во ЕУ, одлучи да ја испрати целата кинеска донација во Рим.

„Италија е најсоодветен примател”, изјави претставник на ЕУ за порталот Брисел.

Истиот извор додава дека Италија е членка на ЕУ што е најпогодена од коронавирусот и има итна потреба да го сопре ширењето и што е можно побрзо да одговори на проблемот со преоптовареноста на здравствениот систем.

Пекинг минатата недела испрати помош директно во Италија, испрати и лекари да помогнат и да го поделат искуството од борбата со коронавирусот со италијанските колеги.

Кина испрати опрема и на другите ЕУ членки, Шпанија, Франција, Полска и Германија. Помошта пристигна откако ЕУ претходно и помогна на Кина во борба со коронавирусот.

Бројот на починати лица од коронавирусот во Италија го надмина и бројот на починати во Кина.

Треба да знаете
Последни објави