КФСМ му ја доделува првенствената титула на МЗТ Скопје?

Македонското кошаркарско првенство во сезоната 2019/20 предвремено да биде прекинато поради коронавирусот и не можноста да се пронајдат адекватни услови, но и термини за доигрување дури и по скорешно смирување на последиците на светската пандемија, е желбата односно размислувањата на речиси сите прволигаши искажани во анкетата на КФМ која траеше до денеска напладне.

Челниците на макбаскетот побараа од членовите на елитата да ги искажат своите предлози за тоа како сметаат дека треба да се реши проблематичната ситуација, по што водени од нивното гледање да донесат конечна одлука, која се очекува да биде соопштена во текот на следната недела. Засега е сигурно дека Куќата на кошарката ќе одговори позитивно на барањето на клубовите за прекин на првенството, по што ќе им остане уште  одредување на пласманот.

Најавите, засега неофицијални, се дека и Македонија ќе тргне по патот на веќе шест европски држави кои за шампион го прогласија тимот кој се најде на врвот од табелата во моментот на прекинот, а тоа се Полска, Летонија, Литванија, Белгија, БиХ и Украина, со реална опција оваа бројка многу брзо рапидно да се зголеми. Тоа би значело осма титула за МЗТ Скопје, кој пред прекинот беше лидер со скор 14-3.Испаѓање не би имало, нешто за што во моментов речиси и да има концензус, а следната сезона елитата би броела 12 члена, заедно со двата најдобри тима од Втората лига, кои на сличен начин би биле избрани.

Одредувањето на конечен пласман и прогласувањето шампион може да биде дури и неопходно и задолжително, пред сѐ поради Законот за спортски ваучер. Колку секоја екипа ќе добие пари за 2021 година, според сегашниот принцип, ќе зависи од пласманот на табелата, што секако е и дополнителен мотив (а можеби ќе биде и законска обврска) за луѓето од КФМ да го прифатат принципот кој засега е применет во шест европски држави.

 

Треба да знаете
Последни објави