Се одложува 16-тото издание на Виз Ер Скопски маратон за 4-ти октомври 2020

Вирусот Covid-19 ги одложи и спортските случувања во Македонија. Најголемиот спортски настан во нашата земја, Виз Ер Скопски маратон, се одложува за 4 октомври 2020 година.

Подготовките на организаторите на маратонот заедно со покровителите, партнерите и спонзорите траат во текот на целата година.

 

„Иако вие тркачите,  исто како и ние, се подготвувате за вашата омилена трка, сепак некои работи не можеме да ги контролираме во одредени ситуации, но веруваме дека на крај сите ќе излеземе победници и дека заеднички ќе ја пребродиме оваа ситуација. Заради влошувањето на ситуацијата со Корона вирусот, COVID-19, како кај нас така и во светот, и заради почитување на мерките кои ги презема нашата Влада заедно со институциите и препораките од Светската здравствена организација, Сојузот на спортови на Скопје како организатор на Виз Ер Скопскиот маратон кој беше планиран за 10 мај 2020, донесе одлука трката да се одложи за 4 октомври 2020 година. Трчањето ќе те промени е мотото на овогодинешниот маратон, затоа седете дома, бидете безбедни за во октомври заедно во полно здравје да го истрчаме 16-тиот Виз Ер Скопски маратон“- изјавија од организацијата на Виз Ер Скопски маратон.

 

Од таму известуваат дека сите пријави остануваат важечки и се префрлаат за новиот датум, а доколку некој од пријавените е спречен од било кои причини да учествува на новиот датум, ќе им бидат понудени следниве опции:

  • промена на постоечката регистрацијата на друго име за 4 октомври 2020 година
  • откажување на регистрацијата за 2020 и добивање бесплатна регистрација за 2021 година
  • откажување на регистрацијата за 2020 и учество на Виртуелна онлајн трка 2020

Сите овие опции ќе бидат можни да се реализираат со рок до 31 јули 2020 преку порталот за регистрација www.smartrace.club , деталите ќе бидат објаснети директно до секој учесник со испраќање на емаил порака со конкретни упатства како да ја одберат посакуваната опција доколку не се во можност да учествуваат на 4 октомври 2020.

Пријавувањето останува отворено до 15 септември 2020 година. Повеќе информации на www.skopskimaraton.com.mk

Организаторите на Виз Ер Скопски маратон на сите граѓани им посакуваат во овие моменти да останат во своите домови и да го чуваат своето здравје и според своите можности да ја одржуваат својата кондиција, како и да ги почитуваат препораките од надлежните институции.

Треба да знаете
Последни објави