Уште тројца нови заболени, дебранката на респиратор во критична состојба

СЗО посочи на брзо ширење на вирусот Ковид-19, за само 12 дена бројот на заболени достигна над 100.000 лица, исто колку и за три недели од избувнување на пандемијата, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

-Денеска се тестирани 43 лица, од кои три се позитивни, така што бројот на заболени во моментот е 70 во земјава. Една пациентка која патувала во Србија, бабата на девојчето од Штип и лице од Скопје. Жената во Дебар од вчера е во критична фаза, кај другите заболени се во стабилна состојба, рече Филипче.

Просечната возраст на претходните 17 заболени е околу 40 години, освен детето од Штип и жената од Гостивар, останатите се од Дебар и Скопје и сите се поврзани со претходните случаи. Филипче рече дека според нивните сознанија, детето од Лондон се вратило здраво, а развило симптоми пред два три дена, ќе ги проверат информациите дека семејството немало пари за лекување во Лондон, па се вратиле во земјава.

Според него, до денеска се направени 878 тестови, има уште 1.400, треба да добиеме уште 1.000, како и по 1.000 неделно кои ќе ни следуваат како и 300 во „Жан Митрев“. Од понеделник ќе бидат отворени два пункта за тестирање во Поликлиниките Чаир и Јане Сандански.

Според Филипче, се обединуваат двете лаборатории, таа на Институтот за јавно здравје и на лабораторијата во клиниката „Жан Митрев“. Тој рече дека досега не инфорираат за непотврдени случаи, па затоа се шпекулира со разни информации, но од министерството кажуваат само за случаи кои се потврдени.

Министерот рече дека контактирал со граѓани кои се пожалиле дека не можат да се тестираат, а седат дома во самоизолација, и дека се надева оти дел веќе се тестираат, а другите во најскоро време. Од денеска веќе е во функција и делот на болницата „8 Септември“, каде ќе се третираат зарзени на кои им е потребна интервенција која не е поврзана со заболувањето.

Министерот рече дека сите заболени се заразиле преку контакт со друг заболен, или некој кој бил носител на вирус, не преку предмет или слично. Лицата се лекуваат со антибиотици, но се разгледуваат и резултатите од терапиите со лекови за маларија за кои има доста информации. Ако се покаже дека даваат резултати ќе се набави таква терапија.

Министерот потенцира дека нашата земја располага со вкупно 120 респираторни машини. Светските искуства, нагласи тој, велат дека пет проценти од заболените се на респираторна машина, што значи дека на бројка од 1.000 пациенти, претпоставка е дека ќе има 50 пациенти на респираторна машина.

– Набавката на респираторни машини е во тек. Проблемот е што тие во овој момент се запрени во Бразил со одлука на нивната Влада и со интензивна комуникација и нашиот амбасадор во Бразил се обидуваме таа бројка машини да ја ослободиме. Многу земји во светот го запреа извозот на респираторни машини, чувајќи ги за своите пациенти. Се надевам дека ова ќе успееме да го направиме. Од денеска имаме и друга добра информација, а тоа е дека и Кина веќе резервира 200 респираторни машини. Тоа го потврдија денеска, треба да се формализираат актите, правните механизми како треба тие да стигнат во земјава. И во овој момент располагаме со доволен број респираторни машини, рече Филипче.

Треба да знаете
Последни објави