Министерот за внатрешни работи на Словенија Алеш Хојс изјави дека Владата ќе побара од пратениците да го активираат член 37 од Законот за одбрана, кој предвидува армијата да добие полициски овластувања, поради настанатата ситуација со коронавирусот.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, за оваа одлука да се донесе е потребно двотретинско парламентарно мнозинство. Партиите кои не се дел од коалицијата на премиерот Јаниз Јанша, веќе кажаа дека се против ваквата одлука и ќе гласаат против.
Поранешниот претседател на Собранието Дејан Жидан изјави дека некои Влади ги користат вонредните ситуации како оваа за да воведат свој начин на авторитативно владеење и да ја уништат демократија, а такви намери тој гледа и кај Владата на Јанез Јанша.
Според министерот за внатрешни работи, пак, се работи за потреба, пред се за да може армијата да се вклучи во заштитата на јужната граница кон Хрватска и за чување на надворешните граници на Шенген зоната.