Во период во кој светот е соочен со голема здравствена криза, нашата држава и официјално стана 30- та членка на НАТО Алијансата. По ратификацијата на Протоколот од страна на сите останати, 29 држави- сојузнички, и на крајот, по потпишување на Указот за ратификација на Протоколот од страна на македонскиот претседател Стево Пендаровски, Република Северна Македонија се построи во најсилниот воено- политички сојуз.
Официјалната покана за нашата држава да се приклучи кон Северно- Атланскиот договор ја испрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг преку писмо испратено до македонската Влада.
Столтенберг изрази задоволство во свое, но и во име на сите други членки на НАТО во однос на пристапувањето на Северна Македонија во Алијансата. Таканаречениот Пристапен инструмент се депонира во Владата на Соединетите Американски држави со што нашата држава го добива полноправното членство како 30-та членка во НАТО.
Со ова, Северна Македонија станува сојузник и соработник со најсилните држави во светот. Пристапувањето во НАТО го обезбедува територијалниот интегритет и суверенитет на државата, а тоа значи сигурни и безбедни граници и мир во државата.
Но, НАТО не е само воено – политички сојуз, тоа е и економски двигател на државите во прогрес, како Северна Македонија. За многу брзо време, по надминувањето на светската здравствена криза со корона вирусот, на нашата земја ќе и се отвори пазар вреден четири милијарди евра годишно, но и перспективата со странски инвестиции.
Токму членството во НАТО и отворањето на економските можности за Северна Македонија надвор од границите, ќе преставува олеснување во анулирањето на економските последици кои ќе бидат резултат на пандемијата со вурусот.
Владата и македонските граѓани немаат прилика деновиве да го прослават остварувањето на три деценискиот сон и и приклучувањето во сојузот на најсилните држави, но ќе имаме време за славење. Сега сме исправени пред друг предизвик, сега капацитетите на државата се насочени кон здравјето и животот на граѓаните за заеднички да се справиме со сите опасности од вирусот и да ги намалиме економските штети.