Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово предлага Владата да воведе полициски час (ограничување на движењето од 20 до 5 часот) на територија на општината, со посебни исклучоци за лица, кои имаат потреба од делување, потврдено со соодветно овластување од надлежни органи.
Покрај оваа мерка која се предлага како превенција од ширењето на коронавирусот, општината од Владата бара и 100 монтажни кревети и оградни паравани за преградување на простор, кои ќе се користат за карантински сместувања по потреба.
Се наложува и Водовод-Куманово да воведе дополнително обезбедување на фабриката за производство на вода- филтер станица, а СВР Куманово да обезбеди 24-часовно присуство на полициски службеник во самиот објект.
Исто така, општинскиот штаб препорачува да се обезбедат финансиски средства за набавка на специјално возило за дезинфекција, механички пумпи, моторни пумпи, средства за дезинфекција и друг заштитен материјал.
Покрај ова, општинската инспекција се задолжува да се затворат за употреба сите јавни спортски и детски игралишта, а од граѓаните се бара да ги дислоцираат непрописно паркираните возила на улиците и тротоарите за да може непречено да се врши дезинфекција.
Од Владата се бара и да ја зголеми контролата на лицата бегалци на територијата на Куманово за да не се загрози безбедноста на месното население. Исто така се наложува општината да продолжи со дистрибуција на еднократна помош во храна и средства за хигиена за загрозените семејства.