„Армијата многу директно ќе се вклучи во поддршка на сите државни институции во справување со последиците на коронавирусот и ќе биде на првата линија на одбрана на здравјето на граѓаните секаде каде што тоа е потребно”, рече заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција.
Шекеринска изјави дека, согласно Уредбата што ја донесе Владата, а која на Армијата и дава обврска во услови на вонредна ситуација да биде целосно во функција на поддршка на различните државни органи, пред сè и особено на полицијата, формиран е оперативен штаб помеѓу полицијата и Армијата и во него прецизно се дефинирани начините на кои Армијата ќе и асистира на нашата полиција.
„Главниот фокус во следниот период ќе го ставиме на три задачи:
Првата задача е целосно преземање на контрола на граничната линија од страна на нашите полициски структури, односно од страна на граничната полиција. Тоа не значи дека војниците ќе ни ги контролираат нашите гранични премини, тука ќе продолжи да биде ангажирана полицијата, но целата порано наречена зелена линија на нашата граница ќе биде контролирана и под надзор на припадниците на Армијата со цел да се спречат нелегални влезови и излези од нашата граница. Со ова ние ќе овозможиме практично полицијата еден дел од своите сили, еден дел од своите припадници да може да ги повлече од границите без никаква опасност по нашата држава и да се сконцентрира на задачите, дома, внатре во државата.
Втората задача на припадниците на Армијата ќе биде заедничко учество во мобилни екипи на полицијата и Армијата кои што ќе можат да спроведуваат проверка на влезови и излези од населени места, особено во делот на кризните подрачја, но и мобилни пунктови и контролни точки во реоните на ангажирање. Согласно дополнителните уредби кои што ги носевме, заеднички полициско – армиски тимови ќе можат да спроведуваат и контрола на почитувањето на полицискиот час, почитувањето на самоизолацијата и доколку самоизолацијата не се почитува да веднаш се изрекуваат мерки, но и да се упатат овие лица во државен карантин и државна изолација.
Таа објасни дека Армијата ќе функционира исклучиво во комбинирани тимови со полицијата, токму поради тоа што полицијата е таа што е вежбана и обучувана да се справува со ваков тип на цивилни закани, меѓутоа ќе даде силна поддршка со бројка, со луѓе, со опрема за да може полицијата да ги спроведе овие засилени активности и задачи.
Министерката рече дека присуството на армиските припадници ќе биде димензионирано во согласност со ситуацијата со вирусот и одлуките на Владата, и ги повика сите припадници на Армијата, војници и офицери, да покажат максимална ангажираност во момент кога државата има потреба да се потпре на нив.