Кедев и Николоски со заедничка видео порака – да се избориме заедно, затоа што секој живот вреди!

Интегрален текст од видео обраќање на Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Државата е пред најголемиот предизвик од своето постоење. Криза од досега невидени размери е пред нас.

Македонија е пред нов предизвик. Здравствен и економски.

Да покажеме свесност, совесност и одговорност.

Да покажеме дека можеме заеднички, да бидеме совесни, доблесни, одговорни и посветени.

Македонија тоа го знае и до сега покажала дека може, сега мора да покаже почитување кон себе.

Македонија бара брза реакција од секого, а најмногу од најодговорните. Потребни се итни економски мерки за спас на економијата, итни здравствени и санитарни мерки за заштита на здравјето на граѓаните како и почитување на светските здравствени мерки и препораки.

Македонија има потреба од одговорно и совесно однесување од сите нас, од сите нас граѓаните на Македонија.

Затоа што секој живот вреди.

Заштитувајќи го своето здравје го штитите и здравјето на саканите, на семејството, но и на оние до вас.

Јас знам дека Македонија може и мора да победи.

Следете ги препораките, заштитете се.

Затоа што секој живот вреди!

 Интегрален текст од видео обраќање на Проф. д-р. Сашко Кедев

Почитувани граѓани,

Од медицината научив дека најважно за здравјето на човекот е дисциплината, а од животот дека животот е време. Меѓутоа животот не е само тоа што го живееме туку како го живееме и што ќе запаметиме.

Во ова време на големи предизвици, во време на соочување со пандемија на заразна болест сите помагаме на општеството со личен пример, со личното однесување и постапување.

Мојот апел е да се однесуваме одговорно, свесно и совесно, да ги следиме препораките на стручните авторитети, и да запаметиме дека секој е господар на својот живот и сопственото здравје.

Докторите се за да помагаат за здравјето на сите нас, на нашите најблиски и на сите граѓани, меѓутоа сега е моментот кога сите ние треба со своето однесување и личен пример да помогнеме исто така на докторите.

Сето ова ќе помине нема потреба од страв, меѓутоа има потреба од одговорност.

Затоа што секој живот вреди!

 

Треба да знаете
Последни објави