Едукативната програма „ТВ Училница” на МРТВ од денеска продолжува да се емитува поинтензивно. Министерството за образование и наука заедно со Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ, продукција „ОХО” и Македонската радио-телевизија ќе обезбеди повеќе часови за повеќе генерации ученици.
Исто така, од денеска и сите факултети треба да организираат онлајн-настава за студентите поради условите што ги наметнува ризикот од ширење на коронавирусот.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми по средбата со претставници на државните и на приватните универзитети минатата недела, соопшти дека високообразовните установи се информатички и технички опремени и професорите се подготвени да придонесат за организирање настава на далечина за студентите.
Олеснителна околност, рече Адеми, е што, за разлика од основците од пониските одделенија, овде се работи за студенти кои се вешти во користењето ИТ-уреди и едукативни алатки и апликации и оти дел од факултетите онлајн-учење веќе применуваат во регуларниот тек на студиската година.
Ректорите на УКИМ и на Американ колеџ, Никола Јанкуловски и Томе Неновски, како претставници од државните и од приватните универзитети, по средбата со Адеми истакнаа дека има услови за непречено функционирање и одржување, пред сè, на додипломската настава на универзитетите. Евентуални проблеми би произлгле понатаму за полагање на испитите, но се надеваат дека и за тоа ќе најде решение.