Регулаторната комисија за енергетика ги намали малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 9,18% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 16.03.2020 година.
Од вечерва на полноќ малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 5,00 денари/литар и ќе изнесува 49,50 ден/лит. Кај малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се бележи намалување за 4,50 денари/литар и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 52,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалуваат за 3,00 денари/литар, и od 24.03.2020 малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 45,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе изнесува 34,50 ден/лит.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 3,195 ден/кг и ќе изнесува 18,738 ден/кг.
„Ова се моменти кои во историјата на тргувањето со нафтените деривати не се паметат. Нарушениот баланс на понудата и побарувачката поради пандемијата со Ковит 19 донесе силни намалувања на цените и кај нас. Континуираното темпото на силен тренд на намалување на нафтените деривати е рекордно од кога Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги има надлежност да утврдува највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати. Со денешната одлука повторно драстично ги намаливме цените на нафтените деривати што е потврда дека Методологијата по која се формираат цените на нафтените деривати ги штити интересите на потрошувачите. Сакам да потенцирам дека единствено Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги е надлежна за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и за истите секој понеделник носи одлука. Сериозно ќе ги разгледаме можностите за одговорност на лицата кои од позиции во институциите шират шпекулации на цените на нафтените деривати пред официјално да се објават. Упатам апел во оваа вонредна состојба сите да сме одговорни. Секоја шпекулација може да се одрази врз економските текови кои се хипер сензитивни во овој период“ посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски.