Османи: Успеавме затоа што заслуживме

– Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бујар Османи оцени дека денешната одлука за добивање датум за преговори со ЕУ е свеж зрак оптимизам што ќе ни помогне полесно да ја надминеме и кризата со коронавирусот, повикувајќи ги граѓаните да бидат оптимисти, трпеливи и, пред се, внимателни. Успеавме, потенцираше тој, затоа што заслуживме.

-Изминавме долг пат за да стасаме до овој ден, кога треба да се признаеме дека успеавме. Кога пред три години го почнавме овој пат иако со навистина изразен ентузијазам, морам да признаам дека не бевме целосно уверени дека овој момент ќе дојде после 20 години процес за стабилизација и асоцијација и 15 години во чекалната како земја – кандидат. Од денес влегуваме во последната фаза од остварувањето на сонот од самата независност на земјата за членство во ЕУ. И да немаме никакви дилеми, успеавме затоа што заслуживме, рече Османи на заедничката прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Денешната одлука на земјите членки да и дадат зелено светло на РСМ за почеток на преговорите не претставува никаков подарок, ниту чиста политичка одлука, напротив, потенцираше Османи, оваа одлука е признание за се што е направено во земјата.

-За посветеноста на Владата и останатите институции кон реформите, за успехот за создавањето на добрососедски односи, за внатрешната општествена кохезија и стабилните меѓуетнички односи. Токму затоа одлуката на 27-те земји – членки е донесена без дополнителни услови за земјата. Со тоа ЕК доби целосно одврзани раце да почне да ја формира т.н. преговарачка рамка за земјава по која ќе се организира меѓувладина седница, што ќе претставува и официјален старт на преговорите, рече вицепремиерот.

Омани искажа уверување дека битката со коронавирусот, со што сме преокупирани деновиве, ќе ја добиеме и дека иднината ќе дојде.

-Добро е да знаеме дека во блиска иднина не чекаат предизвици од преговорите за ЕУ, тоа е процес кој значи напредок за државата, реформи кои значат создавање на ЕУ институции, напредок во образованието и науката, квалитетно здравство и здравствена заштита. Тоа е стабилноста која значи видливост на економските текови, повеќе странски инвестиции поголем потстрек и за странските инвеститори, повеќе работа за претприемачите, повеќе работни места поголеми примања, се на се поголем животен стандард за граѓаните, рече вицепремиерот.

Османи им порача на граѓаните да бидат оптимисти, трпеливи и, пред се, внимателни.

-Следете ги препораките, седете дома, но не очајувајте, борбата со сегашниот предизвик сигуно ќе ја добиеме, а потоа не чека просперитетна иднина, смета Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ЕУ со околу 70 милиони евра што ќе се активираат во различна фаза ќе го помогнат нашиот здравствен систем, а потоа и економските последици од Ковид-19.

-Еу не ни е само партнер на хартија, туку реален и навремен партнер особено во криза. И  од утринската координација денеска и со институициите на ЕУ, околу 70 милиони евра се мобилизирани од страна на ЕУ коишто во различна фаза ќе се активираат за помош на здравствениот систем, а потоа и на економските  последици од самата пандемија, рече Османи.

Треба да знаете
Последни објави