Националното координативно тело за заразни болести, со согласност на Агенцијата за заштита на личните податоци на Црна Гора, започна со објавување на имињата на лицата на кои им се издадени решенија за задолжителна самоизолација, а на оваа листа се и лица од интерес.
Според весникот „Дан“, станува збор за 12 лица кои се познати на полицијата и кои се занимаваат со нелегални работи главно на територијата на Црна Гора.
Наводно, на списокот на Националното координативно тело за заразни болести имало и членови на криминални кланови од Бар, Херцег Нови и Подгорица, а дел од нив со месеци не престојувале на територијата на нивната градска општина, па затоа сега подлежат на пропишаната постапка.
Инаку, откако вирусот Ковид-19 се појави на територијата на Црна Гора, надлежните не регистрирале извршување на сериозни кривични дела каде што како сторители се јавуваат припадници на криминалните кланови.
Од полицијата за „Дан“, претходно истакнаа дека црногорската полиција ја следи безбедносната состојба под новите околности и продолжува да презема проактивно дејствување против членовите на групите на организиран криминал.