Палатата на фестивалот во која се одржува Канскиот филмски фестивал требаше да се подготвува за доаѓањето на познатите имиња од светот на седмата уметност, но наместо тоа ги отвора своите врати за бездомниците, кои немаат каде да се засолнат од пандемијата на коронавирус, пренесува „Ројтерс“.
Филмскиот фестивал на Француската ривиера требаше да се одржи од 12 до 23 мај, но организаторите решија да го одложат настанот за јуни. Во палатата на фестивалот сега се сместуваат оние кои немаат свои четири sида.
„Имаме од 50 до 70 луѓе секоја вечер“, вели Доминик Од-Ласет, официјален претставник на Канскиот филмски фестивал.
Пред осум дена, францускиот претседател Емануел Макрон им рече на своите граѓани да останат дома за да се заштитат од пандемијата и да го забават нејзиниот раст. Вирусот е голем проблем за 12-те илјади бездомници кои живеат на улиците на Франција.
На влезот во Фестивалската палата, работник со маска им мери температура на сите бездомници секој пат кога ќе влезат во зградата. Внатре, тие имаат голема трпезарија, простор за туширање и заедничка простор со телевизија и игрици. Креветите се распоредени во три долги реда. Постојат и куќички за кучиња за нивните миленици.
„Знаеме дека кучињата им се драгоцени на оние што живеат на улица“, додаде Од-Ласет.