Пратениците на опозициските партии во Собранието на Косово, како и оние на српската и другите немнозински заедници кои досега беа дел од владејачката коалиција, ја поддржаа иницијативата на Демократски сојуз на Косово (ЛДК) за гласање недоверба на Владата предводена од лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шефот на пратеничката група на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, рече дека досега владејачката коалиција „покажа неодговорност кон државата и неспособност да владее нормално” уште од самиот почеток, со тоа што 119 дена од завршувањето на изборите не успеа да се договори за формирање заедничка Влада.
Од името на Алијансата за иднината на Косово (ААК), шефот на нејзината пратеничка група Даут Харадинај рече дека „одамна е познато дека на Курти ќе му се одземе мандатот” и дека „станува збор за планирано самоуривање на оваа влада”.
Шефот на претнииците на Српската листа (СЛ) Игор Симиќ рече дека неговата партија од самиот почеток не ја поддржува владата и има бројни забелешки на нејзината работа, пред се во однос на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
За недоверба за Владата на Курти најавија дека ќе гласаат и претставниците на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и на пратениците на шесте несрпски малцински заедници.