Бидејќи пандемијата на коронавирусот во светот се влошува од ден на ден, стравот од коронавирус се зголемува и во Индија, а медицинските работници во првите редови го носат најголемиот товар на јавната паника.
Индија досега има пријавено 562 случаи на новиот коронавирус, релативно мал број во однос на големината на земјата и густината на населението, пренесува Си-ен-ен.
Сепак, во земјата се забележува зголемување на вознемиреноста како резултат на драматичната блокада на земјата, а ниту Индија не е заобиколена од сцените на панично купување и вознемирување на лекарите и другите медицински професионалци кои се во првите редови на борбата против злобната болест.
Медицинскиот персонал во главниот град Њу Делхи соопшти дека биле дискриминирани од заедницата поради страв дека можеби се заразени со вирусот затоа што работат со заболени пациенти.
Некои лекари пријавија дека биле исфрлени од нивните домови или дека им се заканувале дека ќе им ја исклучат електричната енергија.
„Од лекарите, медицинските сестри и другите медицински лица кои се грижат за заболените од новиот вирус се барало да ги напуштат своите изнајмени домови, а некои дури и присилно биле избркани од сопствениците на куќите од страв дека ќе бидат подложни на инфекција“, се вели во писмото на Здружението на лекарите испратено до министерот за внатрешни работи, Амит Шах.
Многу лекари сега се на улица со својот багаж и немаат каде да одат – се вели во писмото, во кое се бара Шах да преземе нешто и да ги заштити медицинските работници.
Индија ја започна најголемата блокада во светот, која ќе трае 21 ден, објави премиерот Нарендра Моди, предупредувајќи ги граѓаните дека мора да останат внатре или да ризикуваат да ја повикаат пандемијата во своите домови.