Од понеделникот наутро кога стапи во сила забраната за непотребно движење на граѓаните, заклучно со вчера во 15 часот, грчката полиција регистрирала вкупно 766 прекршувања на мерката низ цела Грција, а на граѓаните им била изречена предвидената казна од 150 евра, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од грчката полиција, најголем број од прекршувањата се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, односно 234 лица се движеле без да ги имаат потребните потврди.
Од вчера контролите се поинтензивни, со оглед на тоа дека во понеделникот, односно на првиот ден од забраната, полицајците беа потолерантни и наместо казни им даваа препораки и совети на граѓаните.
Грчката полиција веќе трет ден продолжува со контролите, а велат дека ќе продолжат со несмален интензитет за да се заштити јавното здравје.