Светската здравствена организација (СЗО) објави дека Италија в недела би можела да го доживее врвот на епидемијата на коронавирусот. Ваквите изјави се резултат на анализата на бројот на новозаразени во таа земја.
Бројот на заразени и починати лица веќе не е во експоненцијален раст како порано и полека стагнира во последните три дена. Се чини дека строгите мерки што се применуваат почнуваат да даваат резултати.
„Ова е многу позитивен фактор“, рече Раниери Гуера, помошник-генерален директор на Светската здравствена организација за италијанското радио „Капитал“.
„Во некои региони се ближиме до точката на пад на кривата, затоа веруваме дека врвот ќе биде овој викенд. Мислам дека оваа недела и првите денови на следната се следните најважни“, рече Гуера.