Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) упатуваат заеднички апел до локалната самоуправа, државни институции, стопански субјекти и поединци да помогнат во рамките на своите можности за што побрзо враќање на телевизијата ВИС од Струмица во етер.
– ССНМ, ЗНМ и СЕММ со голема загриженост ја примија веста за опожарување на просториите на регионалната телевизија Канал Вис од Струмица, се вели во соопштението од ССНМ.
Велат дека локалните и регионалните медиуми во земјава имаат посебно значење, бидејќи тие обработуваат теми од локален карактер кои се од јавен интерес.
– Без овие локални медиуми граѓаните остануваат лишени од важни информации кои се значајни за нивното секојдневно функционирање. Во кризни ситуации како оваа во која се наоѓа државата во моментов, важноста на локалните медиуми е уште повеќе изразена, додаваат од Синдикатот.
Здруженијата се надеваат дека колегите од ТВ Канал Вис наскоро ќе се вратат на своите работни задачи и за почеток телевизијата ќе може да ја извршува барем својата информативна функција.